• Increase font size
  • Default font size
  • Decrease font size
  • dark
  • light
  • leftlayout
  • rightlayout

ssarch2014arhiva

E-mail Print PDF

Автор: Наталија Зафироска

Луѓето денес креираат живеалишта без да ги разберат

MG 1244

После сите значајни имиња како Александар Бродски, Елија Зингелис, Хан Тумертекин и други архитекти, и на овогодишната 23-та  Летна школа за архитектура, организирана во манастирот Св. Јоаким Осоговски (5-13 јули) од страна на Архитектонскиот факултет при УКИМ и поддржана од општина Крива Паланка и МПЦ, гостуваше личност која е позната во современата архитектонска практика, особено кога се работи за т.н. мала архитектура во пејзаж. Во прашање е познатиот фински архитект Сами Ринтала, кој во моментот работи на Универзитет во Норвешка. Всушност, не се работи за вообичаена покана од страна на нашиот факултет, туку на некој начин студентите се „виновни“ за неговото гостување. Тој е архитект со стотина работилници зад себе, а неговите објекти се дел од анализите по предметот Студио три на Архитектонскиот факултет. Ринтала за ова бил запознат токму од студентите што биле заинтересирани за неговата работа, и по пат на интернет-комуникација го запознале и го поканиле на гостување во Македонија. Тоа е патот што го доведе Ринтала меѓу 36 учесници не само од Македонија туку и од Германија, Холандија, Словенија и Канада, а сите обединети под заедничката овогодишна тема на летната школа „Капела на природата“.

MG 1140

Кога би почнале да го опишуваме неговото творештво, неизбежно е да се каже дека твори истовремено и како уметник и како архитект. Роден во Финска (1969), денес тој е дел од фирмата Rintala Eggertsson Architects, основана во Норвешка. Своето образование го завршил на Школата за архитектура во Хелсинки, каде што бил под менторство на Јухани Паласма со кој ја проучувал феноменологијата на перцепција на прсторот, што е есенцијално не само во неговото студирање туку и во целокупното негово творештво. Залагањето за поголема практична работа е благодарение на влијанието што го имал неговиот татко, кој бил хаусмајстор и водел градежна фирма. Ринтала се сеќава: „Како секој млад човек прво се противев да му помагам на татко ми, но потоа сфатив колку се поврзани практичната работа и академското знаење“. Неговата работа се заснова на критички осврт кон општеството, природата и она што е вистинска задача на архитектот, односно уметноста на користење на просторот, светлината, материјалите и човековото тело како алатка за експресија. Целта, според него, е да се дојде до решение во архитектурата, кое е повистинито до биолошките потреби на луѓето затоа што комерцијалните и измислени потреби едноставно не се доволни. Според неговиот став,  непредвидената цивилизација која се базира на учење и повторување на грешките од минатото диктирани од западниот капитализам, треба да се напуштат како основа за градење на здрава животна средина.

MG 1779

Ринтала девет дена беше ментор, професор, пријател, татко, а можеби и најтрудољубивиот учесник на летната школа. Главната задача на работилницата беше да се направи интервенција, односно мала дрвена капела сместена во пејзажот околу манастирот. Откако е пронајдено место со добар поглед, осветлување и циркулација на воздухот, учесниците биле поделени во шест работни групи, од коишто се развиле шест различни концепти. Сите решенија се релевантни и со посебна тежина, меѓутоа кога требало да се одлучи што конкретно ќе се гради, се дошло до предлог каде местото било поделено на седум сегменти со седум ѕидови во основа кои се распоредени во форма на крст. Секоја група (вклучувајќи ја и групата составена од професорите) била одговорна за осмислувањето на ѕидот почнувајќи од конструкцијата, деталните споеви на дрвото односно целокупниот дизајн. „Ова на некој начин е урбанистички зафат во кој треба да се договориш со соседот за сопствената интервенција“, вели Ринтала. Крајната цел била да се изгради соба во која ќе собере мала група на луѓе, кои ќе ја слават и почитуваат убавината на природата. Така, учесниците предводени од силна желба и мотив сами да ја остварат сопствената замисла низ процес на рачно сечење, ковање, носење и шмирглање, ја реализираа својата визија за местото.

MG 1778

Во текот на нашиот разговор за „Порта 3“, Ринтала зборуваше за концептот на „валкани раце“ и истакна дека „градењето е најинтересниот дел во создавањето на домот, односно тоа е најреалниот начин на учење“, што е поврзано со искусување на просторот преку човековото тело и неговото залагање да се доближи архитектурата поблиску до човекот. Според него, најголемата грешка е тоа што архитектурата престанала да ја следи природата и традиционалниот начин на градење.

„Луѓето секогаш ги комплицираат нештата. Културната еволуција е многу комплексна. Денес луѓето креираат живеалишта без да ги разберат. Тие само повторуваат без размислување. Со градењето се поттикнува реалноста кај човекот“. Со оглед на квалитетот што произлезе од неколкудневната работа на школата, тој истакна дека „никогаш не треба да се потценува способноста на мала група луѓе“.

MG 1780

За тоа како допрва треба да пристапиме кон архитектурата, тој направи интересна компарација велејќи: „Треба само да се престане да се мисли на некакви стилови. Архитектурата е како храната. Кога готвачот користи свежи локални материјали без нивно комплицирање, тоа е секогаш формула за вкусна храна. Готвачот никогаш не верува на префабрикуван сос. Добра храна и добра архитектура за подобар свет!“ Некои луѓе, смета тој, не ни знаат што јадат и од каде им доаѓа храната, а така е и со архитектурата, односно луѓето гледаат на неа како нешто многу комплицирано, но ако се користат добрите локални материјали се добива едноставна и квалитетна архитектура. Можеби поради вечната инспирација од скандинавската традиција или поради неверојатните својства на дрвото како материјал, тој особено значење им дава на еколошките и природни материјали. „Материјалите се филозофија сами по себе, нивниот избор е многу важен за една еколошка градба. Од изборот на материјалите зависи изборот на формата“.

MG 1781

„Претежно користам камен и дрво како главни материјали за изградба, но применувам и алуминиум, бетон и челик доколку е потребно кај одредени детали“, ни објаснува Ринтала за својата работа. „Дрвото се користи како градбена единица на структурата, тој е одличен материјал од кој може да се направи речиси сè. Луѓето имаат многу скромно знаење за дрвото. Тие гледаат на него со големо потценување без да се свесни каде и како може да се примени. Доколку се направат добри споеви, дрвото може да биде траен материјал.  Користењето на дрво е од големо значење денес со оглед на неговата еколошка заднина“.

MG 1782

За да се направи дистинкција помеѓу „внатре“ и „надвор“ во финалната структура кај изградените ѕидови, она што е конструктивно е оставено да биде видливо од надвор, додека она што е внатре е фино обложено со талпи. Според неговото мислење, „не е важно како изгледа архитектурата во пејзаж од надвор, бидејќи никогаш не ја перцепираш во целост, туку и кога си внатре на некој начин си сè уште надвор“, а во поглед на материјализацијата тој смета дека е добро што е употребен ист материјал како дрвото, и на тој начин се заокружува целосната интервенција на самото место.

MG 1784

Сами Ринтала го смета ова гостување и патување поразлично од другите, иако бил ученик во последниве неколку години на повеќе од деведесет работилници и школи… „Црпам фина енергија од работилницата. Дојден сум со своето семејство и по завршувањето на работилницата одиме во Охрид на одмор“.

Исто така, во нашиот разговор, тој изјави дека е задоволен од организацијата на школата и во ниеден момент немало некаков логистички проблем. На неговото обраќање кон студентите, тој изјави дека особено го радува тоа што учесниците научиле како сами да ракуваат со алатите.

MG 1785

Енергијата што се вложи во напорната и тешка физичка работа од страна на учесниците се заврши со изнонреден резултат. За да се заокружи целиот процес, почнувајќи од умствениот дел кој потоа се реализираше и во физичка смисла, на последниот ден се одржа изложба на која беа приложени цртежите и моделите на шестте првични концепти и идеи.

MG 1786

Низ многуте авторитети, професори и архитекти на чија благодарност оваа летна школа сведочи неверојатен квалитет и препознатливост не само локално туку и во пошироки рамки, и оваа година во своето досие запиша не само неверојатен архитект, туку и извонредна личност чие присуство и соработка претставуваше вистинско уживање.

Превземено од ПОРТА3->www.porta.mk

 
Last Updated ( Wednesday, 03 September 2014 10:57 )